„Недопирливата“ Русковска суспендирана, моќниот Муареми си оди сам

Вилма Русковска е суспендирана, а Арафат Муареми си поднесе оставка. Државниот обвинител  Љубомир Јовески донесе одлука шефицата на организиран привремено да ја тргне додека за нејзе трае кривичната постапка. Во исто време директорот на Финансова се огласи и кажа дека по сопствена волја се повлекува од функцијата.

Причината за суспензијата на Русковска е токму кривчната пријава што ја поднесе Муареми, за како што рече незаконскиот претрес во Финансовата полиција.

Врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител, известија од ЈО.​

Брзо по суспензјата на Русковска, оставка поднесе и Муареми. Тој потврди дека заминува заради одлуката на Јовески и за да нема сомнеж дека тој може да влијае на постапката која ја води Обвинителството против органзииран криминал.

Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вели Муареми.

За Русковска и колешките, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е покренета дисциплинска постапка и се бара утврдување на одговорност за трите обвинителки. 

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство’’ , велат од ЈО.

Јовески може да поднесе дисциплинска постапка во неколку сличаи а еден од нив е намерно или неоправдано се направи крупна професионална грешка.

Муареми се жалеше до државниот обвинител дека Русковска со колешките извршиле незаконски претрес во канцелариите на Управата, а Јовески испрати двајца обвинители за да проверат што и како се работи во Организиран. Во извештајот констатираа дека има неправилности при постапувањето во предметот. Судирот во истражните органи трае веќе еден месец. Од друга страна, Русковска побара помош и од меѓународните институции поради притисокот на власта за откриените криминали на владини функционери.

Викторија Миткова