Невозможното е возможно ако не сте Македонија: Она што МВР не го може два месеци, црногорската полиција го заврши за два дена

Она што МВР не може да го направи два месеци, црногорската полиција го направи за два дена. За нив невозможносто сепак стана возможно. Безбедносните структури во Подгорица пронајдоа еден од дојавувачите на бомби, само два дена откако дојавата беше пратена. Тајната ВПН конекција во странство во овој случај не беше проблем. Додека од МВР се правдаат дека нема како да ги пронајдат дојавувачите, црногорскиот случај не бил некој голем успех за нашиот премиер Димитар Ковачевски. Тој повторно искористи прилика да се пофали дека и тие пронашле еден дојавувач, малолетникот од Скопје, кој не користеше тајна ВПН конекција во странство.

-Доколку ги погледнеме пораките кои што денеска се пуштени за дојави на бомби во нашата држава и доколку се споредат со пораките на пример во Црна Гора и во други држави, се работи за скоро идентични пораки на кој начин се најавуваат бомбите. Тоа што некоја држава успеала да најде еден случај на некој што дојавувал, не значи дека се најдени сите, исто така и ние ве информиравме дека е најден еден случај, изјави Ковачевски.

Ако ги слушаме зборовите на премиерот, ќе сфатиме дека институциите знаат се за дојавите за бомби, освен тоа кој ги праќа и секојдневно шири паника меѓу граѓаните. Ковачевски вели дека сигурно станувало збор за хибридна војна, а не можни изолирани случаи на адолесценти или хакери.

-Со таргетирање на места, институции, објекти и градови, со голем број на жители, каде што се потврдува патерн на пораки кои што се исти во повеќе држави, се исти во многу држави тогаш може да се постави претпоставка дека се работи за хибридна војна, изјави Ковачевски.

Од опозицијата обвинуваат дека тоа што два месеци власта не може да открие кој ги праќа дојавите за бомби ја покажуваат неспособноста на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Матеја Петровски

Advertisements