Невиден скандал во ИВЗ – Реџепи не отстапува и најавува дека „раскинал“ со Владата

Полицијата се уште ја обезбедува зградата во која е сместена Исламската верска заедница. По бурната ноќ денеска е мирно. Сулејман Реџепи е на своето работно место, а Скендер Бузаку никаде го нема. Тој претходно порача дека нема да прави тензии и дека нема со насилство да ја преземе функцијата во ИВЗ туку тоа ќе го стори по институционален пат.

-Јас сум новиот поглавар на ИВЗ и тоа врз основа на сите внатрешни акти и врз основа на судско решение“, изјави Скендер Бузаку.

Во одлуката на која тој се повикува се вели дека е донесена врз основа на записник од вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ одржана на 30 март 2019, на која била констатирана неотповиклива оставка на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, која тој, според документот, ја поднесол на 25 март. На истата седница била донесена одлука за избор на Бузаку за нов реис ул улема на ИВЗ. А додека полиција и специјални единици на МВР синоќа го обезбедуваа редот пред седиштето на ИВЗ, а Бузаку со неколкумина свои приврзаници влезе во просториите, Реџепи одржа своја вонредна седница после која порача дека Бузаку никогаш нема да биде Реис. И не само тоа.

„Бузаку е отпадник од ИВЗ , па дури и од Исламот, се колнам во Алах, ако е тој муслиман тогаш и кучињата се муслимани“, рече Реџепи.

А за судијката која донела одлуката употреби и крајно морбидна асоцијација.

„Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат“, рече Реџепи.

Поради оваа изјава од Обвинителството соопштија дека Реисот наскоро ќе биде повикан на распит за ширење на говор на омраза, но ќе има и спојување со предметот кој веќе е отворен против Реџепи, а по пријава од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Тој пак ја обвини Власта за целиот скандал, по што порача дека ИВЗ и Владата повеќе не се на иста страна. Реџепи е познат по скандалозни изјави, фотографии со оружје, крајно непристоен речник па и говор на омраза. Пред извесно време Македонците ги нарече „дивјаци и луѓе без идентитет“. Се заканува во врска со минарето на џамијата во Охрид кое бесправно се гради, уценува во врска со враќање на имотот на ИВЗ, а го поддржа и Саудискиот режим во случајот со бруталното убиство на новинарот Кашоги.

Инаку ова не е прв обид за пуч против него, пред четири години скопскиот муфтија Ибрахим Шабани и поранешниот генерален секретар на Исламската Верска Заедница Африм Тахири упадна со 50 вооружени лица во седиштето на ИВЗ и соопштија дека во иднина тие ќе управуваат со таа организација. Претходно Шабани и Реџепи дури и се тепаа на улиците во Скопје.

Драган Милосављевиќ