Неверојатно, но вистинито: Пругата кон Бугарија со ново пролонгирање, ќе била готова до 2026 година

Интензивни активности за железничко поврзување на Скопје и Софија до 2025-2026 година најавија денеска по првата седница на меѓувладината комисија за економски работи ресорните министри од двете држави Крешник Бектеши и Росен Жељазков.

Според Жељазков, преземените обврски за поврзување на двете држави имаат реална и конретна рамка за извршување. Планираната изградба на железницата до 2025-2026 година ќе го забрза превозот на стока и патници и реалзиација на долгогодишниот проект на Коридорот 8. Активностите и плановите на двете страни се усогласени.

„Од бугарска страна не се изградени само 2,5 километри, а останатиот дел од железничката инфраструктура ќе биде модернизиран, рехабилитиран и опремен со нова сигнализација. Тоа се деловите Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево до границата.Заеднички ќе изградиме двокилометарски тунел помеѓу двете држави, и се планира поврзувањето временски, се разбира во посебни етапи, да биде до 2025 година плус минус една година“, рече бугарскиот министер посочувајќи дека амбициозните јасно поставени планови опфаќаат по 400 милиони евра за секоја од државите.

Од македонска страна каде железничкото поврзување се одвива во три фази, според Бектеши, се интензивираат активностите за првата фаза од Куманово до Бељаковце, проектирана е и ќе стартува изградбата на втората фаза до Крива Паланка, а за третиот дел до бугарската граница веќе се бараат пари од меѓународните финансиски институции.

„За третата делница имаме и грант од ЕУ. Министерството за финансии веќе ика испратенбо писмо до финансиските институции да обебзедиме и кредит кој би бил над 300 милиони евра и да почнеме со процедурите за да се гради и третата делница“, наведе Бектеши.

Ова е ново пролонгирање на рокот за изградба на пругата, откако минатата година во јули директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани најави дека таа може да биде готова до крајот на 2019 година.

„Без завршување на експропријацијата не може да се почнат работите и со изведувачот ќе мораме да бараме нов термин, а гледаме можност 31 декември 2019 да биде датум за пуштање на пругата“, рече тогаш Асани.