НБРМ ја намали основната камата – дали ќе поевтинат кредитите?

Намалувањето на основната камата на 2.5% нема да предизвика поголемо или брзо спуштање на каматите. Тие допрва ќе прават анализи, па поевтини кредити најверојатно ќе има дури следната година. Конкуренцијата од другите банки и подготвеноста на фирмите за нови инвестиции, а не потезите на Народната Банка најчесто влијаат врз деловните банки да ги намалат каматните стапки. Банкарите велат дека падот на каматите не е магичен лек за стимулирање на кредитирањето, но дека економијата се стабилизирала, па ги охрабруваат компаниите да инвестираат повеќе.

“0,25 или 0,5% промена на каматата ако се решение на сите проблеми, тогаш дајте да ги намалиме и да имаме економски раст од 5%. Меѓутоа, очигледно и кога се намалуваат каматите и тоа значително во изминатите години, гледаме дека економскиот раст не се забрзуваше. Тоа покажува дека проблемот со нашиот економски раст и вработеноста, не е во каматната стапка, не е во монетарната политика, туку во суштинските реформи, колку ќе бидеме иновативни, колку ќе бидеме конкурентни, колку ќе ја зголемуваме продуктивноста, а намалувањето на каматите најверојатно влијае максимално со 2 до 3% во вкупната профитабилност на компаниите“ – вели претседателот на У.О. на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.

„Во текот на оваа година, од вкупно исплатени кредити, од 124 милиони имаме пласирано во кредити, 40 до 50% сигурно се инвестициски кредити. Очигледно имаме се уште позитивни сигнали од приватниот сектор и покрај случувањата во државата“ – рече Јованка Јолеска Поповска, генерален директор на ПроКредит Банка.

Компаниите кои пак секогаш чекаат што поевтини кредити, сметаат дека банките се премногу конзервативни во кредитирањето. Според нив, банките со години работат само со неколку вида кредити и не воведуваат нови банкарски производи што ќе значат повеќе пари за бизнисот.

„Мора да имаат фјучерси, кредити врз основа на бизнис идеи и бизнис планови. Мора да размислуваат доколку имаат вишок средства како да ги вложат во бизнисите, а не да продаваат само еден производ, хипотекарен кредит“ – вели бизнисменот Горан Рафајловски.

Покрај тоа што побавно реагираат на сигналите од Народната Банка и каматите на потрошувачките и станбените кредити се горе-долу исти, банките нудат фиксни камати на подолг период отколку пред една година, а некои ги ослободуваат клиентите од трошоци за одобрување и администрирање на кредитите. И додека фирмите и граѓаните чекаат поевтини кредити, банките уриваат рекорди со заработувачката. За 9 месеци годинава остварија профит од 124 милиони евра.

Тања Попова