});

НБРМ: Растот е послаб од очекуваниот

По намалените проекции за економскиот раст на Македонија од страна на Светска Банка и Меѓународниот монетарен фонд на два и пол отсто, односно 1.6%, и Народната Банка на Македонија алармира дека Владата тешко го реализира тоа што претходно го испланирала. Најголема причина за тоа е стопирањето на изградбата на клучните патни правци – велат од Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.

„Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот, главно заради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамки на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината“ – велат од НБРМ.

Народната Банка алармира дека се уште постојат ризици, како дома, така и од надвор. Од намалувањето на основната камата во август, немало поголеми промени во клучните макроекономски показатели. Девизните резерви биле на адекватно ниво, а инфлацијата нешто пониска од очекуваното.

Во септември кредитите растеле, но депозитите се намалиле на месечна основа. Тоа главно било резултат на помалите заштеди на компаниите, додека граѓаните и покрај ниските камати, се уште го зголемуваат штедењето во банките.
Инаку, единствено Народната Банка не ја ревидираше првичната проекција за стапка на економски раст од 3.2% годинава. Најновите проекции, монетарната власт ќе ги соопшти на стартот на ноември.

Тања Попова