На 6-ти септември судење за пожарот во модуларната болница во Тетово

По една година ќе започне судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово. Првото рочиште е закажано за 6-септември.

На обвинителната клупа ќе седнат тројца лекари, директорот на тетовската болница Флорим Бесими, инаку брат на министерот Фатмир Бесими и економскиот директор Артан Етеми, како и лекарот одговорен за управување со модуларната болница во Тетово. Двајцата директори, Бесими и Етеми, се товарат дека сториле тешки дела против општата сигурност, додека третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Истовремено, обвинета е и Тетовската болница како правно лице и ќе се гони за истите две дела.

Обвинителството, обвинителниот акт го поднесе на 27 јули годинава, а на 16-ти август предметот беше распределен кај судија. Обвинителите сметаа дека  поради небрежност на директорите изгореа 14 живи луѓе па така може да добијат максимум пет години затвор.

Трето обвинетиот пак доби уште поситно кривично дело односно „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1“ за што е предвидена парична казна или затворска до една година. Ова дело најчесто беше употребувано за граѓани кои не ја почитуваа изолацијата поради болест или поради контакт со заболени.

Тетовската болница пак како правно лице е обвинета за Предизвикување општа опасност и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, за што може да добие парична казна.

Трагедијата во тетовската модуларна болница се случи лани на 8-ми септември лани, живи изгореа 14 луѓе, 12 пациенти и двајца нивни роднини кои се грижеле за нив.

Во истрагата покрај обвинители од Тетово учествуваа и нивни колеги од Скопје, а за случајот беше побарана и меѓународна помош од германски експерти за вештачење, а имаше и вештачење од техничките факултет за електричната инсталација.

Во извештајот, кој го објави МВР се тврдеше дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилаторот со кој се вршела реанимација на пациент во една од собите. Прегревањето на кабелот, пишуваше во извештајот, предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој покрај дефибрилаторот биле приклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Викторија Миткова