На Џафери и за овој испад виновна му е опозицијата, за екс-спикерот Петковски нема оправдување

Опозицијата сакала да создаде лажна претстава во јавноста дека Талат Џафери постапувал незаконски и спротивно од Деловникот. Неговиот кабинет преку соопштение се обидува да го оправда и за најновиот скандал.

Во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници… Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници стои во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Сепак, Деловникот предвидува можност за затворање на вратите од салата само во една ситуација – за време на поименично гласање односно поедичено изјаснување на секој пратеник што синоќа не беше случај.

Член 97 од Деловник на Собрание вели:

За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување.

Во сите други случаи претседателот на Собранието нема право да го ограничува движењето на народните избраници.

Поранешниот прв човек на законодавниот дом, Тито Петковски, вели дека ниту еден Деловник не може да дозволи однесување како она на Талат Џафери.

„За мене ваквото однесување е отсуство на парламентарна култура. И таа пракса мора да престане. Спикерот го има во свои раце правото да го толкува Деловникот, но заклучувањето на просторијата внатре не е право на претседателот на Собранието, туку е дозволиво само во случај кога е загрозен неговиот живот. Не може да се оправда ниту говор на омраза, ниту закани или насилство, ниту пак затворање на пратеници внатре во пленарната сала. Јас не можам да најдам упориште за тоа внатре во Деловникот за Собранието“, вели Петковски за РСЕ.

Ваква беше синоќешната слика во македонскиот парламент. Прекината беше 71-та седница, пратениците под клуч во собраниската сала, бидејќи Талат Џафери одлучил да ги пребројува. Рамнодушни на однесувањето на собранискиот претседател не останаа пратениците од опозицијата, кои, како што велат со заклучувањето во собраниската сала сторил кривично дело за кое се лежи затвор од шест месеци до 5 години.

Викторија Миткова

Поврзани вести