На јужниот пол на Месечината температура од 70 степени

Мисијата на индискиот вселенски брод „ИСРО Чандрајаан-3“ ги сними првите податоци, а еден од нив е дека температурата на површината на Месечината е значително повисока од очекуваното, што обезбедува револуционерни податоци за научни истражувања.

Термичката сонда на лендерот Викрам успешно ги документира температурните флуктуации на површината на Месечината, покривајќи ги нејзините горни, блиску површински и подлабоки слоеви.

Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО) објасни дека имаат за цел да ја откријат топлинската динамика на површината на Месечината со проценка на температурните профили на горната почва на Месечината во близина на полот.

„Роверот има температурна сонда опремена со механизам за контролирана пенетрација која може да достигне длабочина од 10 см под површината. Сондата е опремена со 10 индивидуални сензори за температура“, додаваат од агенцијата.

Поради отсуството на атмосфера, површината на Месечината доживува екстремни температурни флуктуации.  Според научникот од ИСРО, БХМ Дарукеша, забележаната температура била неочекувано повисока од првично очекуваната.

„Верувавме дека температурата може да биде некаде околу 20-30 степени Целзиусови на површината, но е 70 степени“, изјави тој за РТИ.

Министерот за наука Џитендра Синг рече дека мисијата Чандрајаан-3 се очекува да обезбеди податоци за атмосферата на Месечината, составот на почвата и минералите. Оваа информација потенцијално би можела да претставува револуционерен придонес за глобалната научна заедница, можеби прва од ваков вид.

„Ниската густина и високата топлинска изолација на реголитот (слојот на карпи на Месечината) го зголемуваат неговиот потенцијал како основен градежен блок за идните живеалишта, додека проценката на широк опсег на температурни варијации е клучна за опстанок“, додаде министерот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста