На штипската болница и фалат стотици лекари, отворени само 8 работни места, а конкурирале 44 луѓе
Огромен интерес за огласот за вработување на лекари во штипската Клиничка болница. За осумте слободни позиции аплицирале дури 44. Освен од Штип, конкурирале и млади лекари од Пробиштип, Прилеп, Кочани, Кратово. Покрај лекари по општа медицина ќе се примаат и по еден стоматолог и физотерапевт, како и шест медицински сестри. Но ова ни одалеку не ги задоволува потребите со медицински кадар, бидејќи во изминатиот период над стотина здравствени работници ја напуштија болницата, појаснува директорот на болницата.
„Во овој оглас имам вработување на 16здравствени работници. Дали е тоа доволно? Со сигурност не. На нас ни требаат многу повеќе работници, бидејќи во изминатиот период изгубивме многу, а и долг беше периодот во кој немавме примено работници. Може да кажам дека само во јули изгубивме 4лекари специјалисти кои заминаа во пензија„ изјави Ален Ѓеорѓијев, директор на Клиничка болница Штип.
Сите кои аплицирале за позицијата општ лекар ќе бидат рангирани по три основи и тоа по просек од факултет, англиски јазик и стручен дел. Во потесен круг ќе влезат најдобрите 24 кандидати.
„Согласно Законот за здравствене заштита бројот на кандидати кои се примаат на огласот се множи по три и после тој кандидат се повлекува линија и од кандидадите кои се над линијата се избира. Во овој случај ние ќе ја повлечеме линијата на 24кандидат„ изјави д-р Ален Ѓеорѓијев, директор на КБ-Штип.
Заминувањето на кадарот во приватното здравство, но и по основ на пензионирање сериозно ја отежна работата и функционирањето на штипската болница. Најкритична состојба со здравствениот кадар е на одделите за анестезиологија, инфективни заболувања, ортопедија и очно. Од болницата најавуваат дека во септември ќе бараат нови петнаесетина вработувања.
Александра Ристеска