На Халкидики се поправаат штетите од невремето кое зеде седум животи

48 часа по страшната бура на грчкиот полуостров Халкидики, материјалната штета се санира, но останува тагата за загубените 7 човечки животи кои беа жртви на дваесет минутната бура.

Огромна материјална штета, преполни болници, разурнати плажи, патишта,таверни.
Грчките власти во полна пареа, работат, според грчки владини извори, патната мрежа е целосно санирана, со исклучок на патот Мудања-Касандра каде што паднаа столбови на грчката електродистрибуција, десет граѓани кои остана без кров на глава се згрижени во хотели и соби, со помош на војската биле обезбедени генератори за објеките од стратешко значење кои останаа без струја односно полициските станици, противпожарните единици, општината…

За трите најпогодени општини и селата кои останаа без вода, формирани се специјални простории со флаширана вода за пиење.
Сепак и покрај напорите на властите повеќето локални патишта на полуостровот се уште се отсечени поради паднати дрвја и искинати електрични кабли, а портпаролот на грчката влада соопшти дека ќе бидат потребни најмалку два дена за да се нормализира состојбата и целиот регион повторно да добие струја.

Вчера се огласи и грчкиот премиер Мицотакис кој изрази сочуство до загинатите.

Сакам да изразам искрено сочувство за семејствата на жртвите на катастрофалната бура на Халкидики и да им посакам брзо закрепнување на оние кои се хоспитализирани. Нема да штедиме напори во решавање на проблемот, истакна Мицотакис.

Од почетокот на невремето до вчера над 120 граѓани со возила на брзата помош или со свои возила биле пренесени во трите солунски болници и во една на Халкидики, додека пак официјално, повредени се 23 лица од кои една 72-годишна жена е во критична состојба.

Очевидците на бурата, се уште во страв, раскажуваат за како ветрот носел се пред себе, и силниот дожд само ја влошувал состојбата.

Засега, дипломатските претставништва на Македонија во Грција, не добиле официјално известување за македонски државјани меѓу повредените, а истото произлезе и од нивната сопствена иницијатива за добивање информации за повредени наши граѓани.

Мери Ѓорѓиевска