На покана на Трамп, унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во Белата Куќа

По 20 години прва историска средба во Белата Куќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп. На годишницата од членството на Унгарија во НАТО, двајцата државници за прв пат од 1998-ма ќе споделат ставови околу парите, миграциите и економијата. Познавачите на светските политики, велат дека повод за денешната средба покрај актуелните прашања, но ја споменуваат и желбата на Трамп да му помогне на Орбан и неговата партија Фидес, во пресрет на гласањето во европскиот парламент. Унгарскиот премиер и во петокот во интервју за унгарско радио откри за што ќе разговара со својот домаќин.

– Со Трамп ќе разменам мислење околу парите, миграциите и економијата. Сакаме на меѓународните форуми за мигрантит да настапуваме заедно, а одличните економски односи да ги подигнеме на уште повисоко ниво, рече Орбан.

Од Белата куќа пак стигна соопштение дека двајцата лидери ќе разговараат за трговија, енергетика и безбедност.

-Претседателот Доналд Трамп ќе го пречека унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белата куќа на 13 мај 2019 година. Препознавајќи ги долготрајните врски меѓу САД и Унгарија, претседателот и премиерот ќе разговараат за начините за продлабочување на соработката на голем број прашања, вклучувајќи трговија, енергија и сајбер-безбедност. Како лидери на сојузниците на НАТО, тие исто така ќе ги истражат можностите за исполнување на многуте национални безбедносни одговорности на двете земји и ќе ја прослават 20-годишнината на Унгарија како членка на НАТО, информираат од Белата куќа.

Унгарскиот премиер е еден од ретките европски политичари кој во текот на претседателската кампања отворено го поддржа Трамп и ја предвиде неговата победа. Сепак работите се сменија по последната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео на Будимпешта, кога Орбан најави значително проширување на соработката меѓу двете земји, особено во воената и енергетската област.

Заедничкиот став на САД и Унгарија за мигрантите ја потврди министерот за надворешна трговија и дипломатија, Петер Сијарто. Потсети дека двете држави спаѓаат меѓу оние шест кои не го потпишаа глобалниот план на ОН за мигрантите, а и Будимпешта и Вашингтон сметаат дека најважната задача на владите е заштитата на државните граници и безбедноста на граѓаните.

Според унгарските медиуми Орбан во Белата Куќа ќе понесе список за набавка на воена опрема вредна милијарда долари. На списокот е и ракетен одбрамбен систем „Патриот“ или „Конгсберг“ изграден во америчко-норвешка копродукција. Орбан во Вашингтон пристигнува десет дена пред одржувањето на европските избори.

Ивана Соколовиќ Најдова