На повидок тешка и студена зима – дали ќе има доволно струја и гас?
Надлежните уверуваат дека е договорена набавка на јаглен, мазут и гас за да се задоволат енергетските потреби. Од ЕСМ соопштија дека пред две недели заврши отворениот повик за набавка на 600 илјади тони јаглен во вредност од 34 милиони евра. Се склучиле 4 договори. Со компанијата Енергија Икс се склучиле два договори за 100 илјади тони јаглен, половина со потекло од Селенице, Албанија, а другата половина од Ахлада, Грција. 100 илјади тони се купиле од фирмата Квантум Солушнс за јаглен од Грција, а најголемата набавка од 400 илјади тони е за јаглен од две наоѓалишта во Албанија. За ова, албанската High Towers ќе наплати 22 милиони евра. Сепак и покрај овие купопродажни договори, се уште нема договор за набавка на јаглен за ТЕЦ Осломеј. Јавниот повик од средината на мај беше поништен поради технички грешки, а нов треба да се распише деновиве. Вчера, директорот Ковачевски рече дека РЕК сега работи со два блока, а во Осломеј има ремонт. Уверува дека двата капацитети ќе бидат подготвени навреме.
„Ништо не е задоцнето. Ги набавивме овие количини потребни до ноември месец. Сега набавуваме за од ноември до април. Има доволно количини. Одговорно можам да тврдам дека ние во моментов како држава набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. Просечната цена се движи од 55 до 62 евра по тон“ – вели Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.
Наспроти уверувањата на надлежните, експертите и опозицијата критикуваат дека се реагира задоцнето, кога цените се вивнати до плафон, не само во делот на набавките туку и за превозот кој исто така ќе биде предизвик. Оттука и сомнежите дека кризната енергетска состојба и нејзиниот тајминг временски се програмира за да се потроши повеќе, а некој од тоа и да ќари повеќе.
Се е во домен да се направи профит. Колку е поскапа енергијата толку е поголем профитот кај трговците. Зошто не купија поевтина енергија и да направат договор на година дена ? Ништо не е направено, ништо не се презема ама будно се следи, рече за Алфа Константин Димитров.
Стопанството побара под итно да се набави мазут за ТЕЦ Неготино и овој капацитет да се стави во функција. Од ЕСМ велат дека се уште течат испораките за 150 илјади тони мазут кој треба да го донесе фирмата РКМ која за тоа ќе инкасира 89 милиони евра. Дел од количините се пристигнати, дел ќе бидат до ноември. И со гасот за ЕЛЕМ Енергетика е слична ситуацијата, активен договор за гас склучен со Макпетрол има до крајот на годинава. Ковачевски уверува дека ќе има нови огласи за мазут и гас со кои потребните количини ќе бидат набавени.
Најголема е неизвесноста кај цената на природниот гас. Од Регулаторната комисија вчера соопштија дека во моментов таа е и до 150% повисока. Утре ќе се знае колку државата ќе го амортизира ударот и колку релно ќе поскапе парно греењето во Скопје. Сепак, ЕСМ, која формираше 3 компании за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, ако ги преземе градските топлани нема набавено гас за нив. Поради повисоката цена, најверојатно голем дел од производството ќе се префрли на мазут кој и повеќе загадува. Владата има рок уште 60-тина дена да распише тендер за избор на наследник на БЕГ, но експертите се сложни дека ова требаше да го направи експресно брзо за новиот оператор да може навреме да го оспособи системот за грејната сезона.
Тања Попова