На пасошите печат за појаснување дека се од Северна Македонија, МНР го информира целиот свет за промената на името

Печати со појаснување дека се во сопственост на Република Северна Македонија, се удираат на патните исправи на сите македонски граѓани кои ја преминуваат границата. Станува збор за привремена мерка се додека не започне издавање на новите пасоши на кои ќе стои уставното име на државата некаде кон крајот на годинава. Во меѓувреме Министерството за надворешни работи потврди дека ги информирало ОН и сите држави во светот дека стапиа во сила Договорот со Грција, односно дека започнала примената на новото име на државата.
Република Северна Македонија согласно обврските од Конечната спогодба ги достави трите вербални ноти: Вербална нота од Постојаната мисија до Протоколот на ОН, Вербална нота од Постојаната мисија до земјите членки и земјите набљудувачи на ОН и Вербална нота од Министерството за надворешни работи до сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, со кои се информира за настанатите промени, – информира Министерството за надворешни работи.

Од друга страна во Грција за прв пат официјално се спомнува македонски јазик, иако со заграда дека станува збор за дел од јужнословенските јазици. Грчкото Министерство за заштита на граѓаните објави оглас за пополнување на 302 работни места во Националната агенција за разузнавање на Грција, а во одделот за преведување, толкување и сослушување, вработува 56 лица со познавање на: англиски, француски, германски, шпански, италијански, арапски, бугарски, еврејски, руски, турски и, како што пишува во огласот, „македонски (јужнословенски) јазик“.

Владата во Атина пак, извести дека наскоро ќе ги промени и таблите на својата северна граница, каде на местото на Скопје и ПЈРМ наскоро ќе пишува Република Северна Македонија.

Инаку новото име на државата почна да го користи и глобалната интернет енциклопедија Википедија. Во информациите за земјава, на повеќе други светски јазици веќе е наведено дека новото име на државата е Република Северна Македонија, со образложение дека тоа е направено со Договорот од Преспа, со кој беше ставен крај на 27-годишниот спор за името меѓу Скопје и Атина.

Драган Милосављевиќ