На државно ќе се вработуваат 31.5% албанци, си пресметал министерот за администрација

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити си измислил бројка од 31,5 проценти, наместо досегашната околу 20 отсто-албанска заедница во Македонија, па одлучил дека отсега во секоја институција ќе треба да има толку рамковно вработени. Имено, министерот  дошол до новата бројка откако ги собрал процентите на резидентно и нерезидентно население според пописот, а на тој збир си додал уште 2 проценти од оние 7 отсто што според Статистика, се административно попишани.

Ако се соберат бројките од резидентното население во Македонија и самопопишаните македонски државјани во странство, 54,21 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 отсто се Турци, 2,34 отсто се Роми, 1,18 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци и 0,44 отсто се Власи.

резултати од пописот:

Резидентно население:

Македонци: 54, 21%

Албанци:     29, 52%

Турци:            3,98%

Роми:              2,34%

Срби:              1,18%

Бошњаци:       0,87%

Власи:             0,44%

Сето ова е наведено во таканаречениот балансер кој го изработува Министерството, а кој беше објавен денеска и според кој се врши распределбата на нови вработувања во администрацијата.

Ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Македонија.

Закон за вработените во јавниот сектор, член 20, став 4

„Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија“

Адмирим Алити е министер од јануари годинава, кога неговата партија Алтернатива влезе во владејачката коалиција.

Бојана Златкова