Најниска стапка на невработеност во Франција во последниве десет години

Со намалување од 0,1% поен во првиот квартал, невработените претставуваат 8,4 отсто од работната сила во Франција, покажуваат денеска објавените податоци од страна на ИНСЕЕ – Францускиот институт за економски и статистички студии, јави дописникот на МИА.

Во првиот квартал од 2019-та година, стапката на невработеност се намали за 0,1 процент, достигнувајќи 8,7% од вкупната работна сила во Франција, што е најниско ниво од почетокот на 2009-та година, според првичните бројки од ИНСЕЕ.

Само во континенталниот дел на Франција оваа стапка, мерена од Националниот институт за статистика според стандардите на Меѓународната канцеларија за труд, исто така, се намали за 0,1% поен, на 8,4 отсто, што претставува 2,4 милиони невработени. Тоа се 19.000 помалку невработени отколку во последните три месеци од 2018-та година.

Оваа еволуција е малку поизразена отколку што се очекуваше од страна на ИНСЕЕ. Во својата најнова прогноза, објавена во март, институтот очекуваше стабилизација на стапката на невработеност на 8,8% за Франција на крајот на првиот квартал, по падот од 0,3 процентни поени на крајот на 2018-та година. Во споредба со претходните податоци објавени во февруари, ИНСЕЕ ја ревидираше стапката на невработеност за вториот квартал од 2018-та година за 0,1 процентен поен за континентална Франција, од 8,7 отсто на 8,8 отсто. Во текот на една година, падот на стапката на невработеност достигна 0,5% поени за континентална Франција, како и за цела Франција.

Во континентална Франција, меѓу невработените, бројот на лица кои бараат работа најмалку една година, се намали под прагот од еден милион во третиот квартал од 2018-та година, и продолжува да опаѓа и изнесува 963.000 во првиот квартал, наведува ИНСЕЕ.