Најмалку 13 загинати – страшна трагедија на автопатот Скопје Тетово

Траорна слика која оние што ја видоа никогаш нема да ја заборават.

На бројните екипи на брзата помош, пожарната и полицијата им се придружија и локалните жители во обид што поскоро да се извлечат луѓето од автобусот кој беше целосно превртен и смачкан.

Сите расположливи возила на итната помош од Скопје се упатија на автопатот кон Тетово, на оние од Здравствениот дом им се приклучија и од приватните клиники Систина и Неуромедика.

Најголем дел од повредените беа префрлени во Градската болница „8 Септември“ а дел и на државните клиники „Мајка Тереза“.

Црниот биланс растеше во текот на вечерта а според последните информации достигна 13. Повредени се над 30 од кои 5 се борат за живот и се уште се на операција. Меѓу хоспитализираните има и бремена жена.

Градоначалникот на Гостивар информираше дека сите загинати се од неговиот град. Арбен Таравари оцени дека ова е црн ден за цела Македонија.

Министерот за здравство кој исто така ги посети повредените, видно потресен кажа дека веднаш откако дознал се упатил на местото на трагедијата.Т

Десетици роднини и пријатели на повредените во текот на ноќта чекаа пред „8 Септември“ да чујат како се нивните блиски.

Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на дежурен јавен обвинител издадена е наредба за анализа на негова крв и урина.

-Во насока на утврдување на причините за несреќата,  јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден, информираа од ОЈО.

Од МВР информираат дека увидот е во тек и повеќе детали најавија за утре.

Несреќата се случи нешто пред 17 часот кога автобусот на компанијата „Дурмо Турс“ со гостиварски регистарски таблици преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал, се истумбал и завршил во бездна превртен на кров.

Матеја Петровски