Најмалку двајца мигранти загинаа откако се преврте чамец во близина на турскиот брег

На само 50 метри од западниот брег на Турција, во близина на Бодрум, се преврте чамец со бегалци и мигранти и најмалку две лица го загубија животот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на информации од турската крајбрежна служба.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчката телевизија Скај, во  шестметарскиот чамец се превезувале околу 30 лица, 15 биле спасени, три успеале сами, со пливање да стигнат на брегот, а двајцата починаа во болница.

Спасувачката акција на турската крајбрежна служба е во тек, во случај да има исчезнати лица, додека пак е непозната националноста на мигрантите и бегалците. Најверојатно мигрантите сакале да стигнат до некој од грчките острови.