Најздрави нации во светот: Шпанците први, Македонија со пад од 12 позиции на 56-то место

Шпанија на прво место, па Италија – ова е врвот на ранг-листата за најздрави нации во светот која ја прави Блумберг и во која 169 држави се споредени согласно разни фактори кои придонесуваат кон глобалното здравје.

Покрај Шпанија и Италија, во првите десет најздрави држави со најдолг просечен век на живот се наоѓаат и Исланд, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Австралија, Сингапур, Норвешка и Израел.

Дека финансиската моќ на населението не е пресудна е доказ Куба која е на 30-тото место, во споредба со САД кои се на 35-тото, со што Куба е единствената држава во која нема просечни високи примања, а се наоѓа во горната зона на листата. Една причина за ваквото рангирање може да биде тоа што Куба е фокусирана на превентивната нега, за разлика од дијагностиката и третманот кои се приоритет во САД, стои во заклучоците од едно американско истражување во Куба од минатата година.

Од друга страна, успехот на Шпанија и високиот пласман на медитеранските земји се припишува и на здравата исхрана (како медитеранската диета) и на примарната здравствена нега во Шпанија која вклучува специјализирани семејни доктори и сестри кои водат превентивна нега за децата, жените и возрасните пациенти.

Грција е 26-та, Црна Гора е на 41-вото, БиХ на 42-рото место, додека пак Албанија е 43-та на оваа листа. Македонија се наоѓа на 56-тата позиција, едно место подолу од Србија, а нашата држава е неславен рекордер на ова рангирање на Блумберг – го бележи и најголемиот пад на листата од цели 12 позиции во споредба со претходното рангирање.

Блумберг своето рангирање го базира на податоци од Светската здравствена организација, ООН и Светската банка. Во рангирањето се вреднуваат здравствените варијабли и ризици по здравјето, од таквите од бихевиорална природа (навики како пушење цигари, прекумерна тежина на граѓаните) до природните карактеристики на средината во која живеат (достапност на чиста вода, квалитет на воздух итн).