Најголема воена вежба во Егејот: Турција праќа „ишарет“ до Грција и Кипар

Турските сили се подготвуваат за нивната најголема воена вежба во Егејското море во која ќе се вклучат фрегати, уништувачи, подморници и воени авиони, а ќе се одржи од 27-ми февруари до 8-ми март, соопштува новинската агенција Анадолу.

Во рамките на огромната воена вежба наречена „Сина татковина“ турските воени сили ќе бидат распоредени во регионот од 462 000 km2 низ морињата кои ја опкружуваат државата, а во неа ќе учествуваат и хеликоптери, беспилотни летала, војската, специјалните единици и крајбрежната одбрана.

„Сина татковина“ доаѓа во период на засилени тензии во Егејското море и источниот дел на Средоземното море, кога Турција планира да испрати нова тура на бродови околу кипар во потрага по нафта и гас, како што најави министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

„Нека знаат сите кои доаѓаат во тој регион од многу далеку, нека знаат нивните компании, дека ништо не може да се направи во тој регион без нас. Воопшто ништо не може да се случува во Средоземното море без Турција, ние нема да го дозволиме тоа“, изјави Чавушоглу.

„Го имаме сето право да ги браниме нашите права и правдата во овие 462 000 квадратни километри. Нашата Сина татковина. Сите мерки ќе бидат преземеи во Егејот, источното Средоземје, Кипар и Црното море. Никој нема да може да преземе ништо без вклучување на Турција во овие подрачја“, изјави турскиот министер за одбрана Хулоси Акар кој ќе ја надгледува операцијата.