„НАШАТА ДРЖАВА“ бесплатно ги отвори вратите на музеите и галериите

Востанија и борби на патот кон слободата. Пред 31 година Македонија стана независна држава. Но и после толку години повторно се водат борби да се зачува независноста и самостојноста, но сега негацијата е на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура.
По повод денешниот празник има отворен ден за граѓаните и бесплатна посета на музеи, галерии, ликовни салони.
Во програмата за 8ми септември 2022, објавена од страна на владата на Македонија само пишува: Отворен ден за сите граѓани низ целата држава, а за која држава станува збор и која држава слави 31 година независност не пишува нигде, ниту пак го има македонското знаме, или каков било симбол. Мотото Обединети во слободата стои само испишано на хартија. Оттука прашањето – Дали Македонија, се уште е далеку од обединета и слободна држава. После векови постоење доживеа да биде негирана, погазена и да се бори за сопствениот јазик и историја.
Минатата година за јубилејот 30 години независна Македонија, повторно Владата со својата илустрација налути дел од јавноста и историчарите, кога македонското осумкрако сонце стана сонце со 12 краци. Според тоа владино лого, Македонија славеше како „Северна“. Пишуваше „30 МК“, а долу „Северна Македонија“, иако Северна постои од 2019-та година.
Без оглед на се, граѓаните денеска беа заинтересирани да видат што се нуди во македонските музеи и галериите.
Во рамките на прославата оваа година во градскиот парк се оддржа манифестација која вклучува програма за деца, со учество на Театарот за деца и младинци, по што следеа тактичко показни вежби на единиците на Армијата и на Министерството за внатрешни работи.
Бојана Златкова