Националистички пораки, ширање говор на омраза, оштетено кафуле од страна на „Балистите“, пријави од МВР се уште нема

Националистички пораки, ширење говор на омраза, оштетено кафуле, се сликите кои вчера ги видовме од страна на навивачите на Шкендија.  Имаше скандирања за УЧК и Илирида, Балистите пратија порака дека мртов Македонец е добар Македонец, а не беше поштедено ниту македонското девојче.

И покрај сите овие пораки, првиот човек на МВР, Оливер Спасовски вели дека се уште нема пријави, но се правда дека се преземаат мерки од СВР Тетово, како за Балистите, така и за Војводите од Тетово. Тој кажа дека пред се ќе се работело на превенцијата со двете навивачки групи.

-Денеска дадовме задача, посебно во делот на превенцијата во СВР, да поработиме и со двете групи од Тетово заради тоа што не смееме да дозволиме нивни конфликти, кои што изобилуваат со таков говор на омраза, да бидат секојдневни и во Тетово, меѓутоа и во цела Македонија, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Најостра осуда за овој инцидент предизвикан од навивачката група „Балисти“ пристигна и од Хелсиншкиот комитет.

-На објавените видеа од случувањата на тетовските улици на 4 ноември 2018 година, се слушаат песни и извици, каде е забележан говор на омраза и повикување на насилство, по што следело и извршување на дело од омраза, односно фрлање со камења и шишиња врз кафуле полно со гости, велат од Хелсиншкиот комитет.

Додека министерот Спасовски, вели дека сега ќе се работи на превенција, во минатото навивачи беа апсени и за помали дела од овие, веднаш по нивните случувања, а во последниот период бевме сведоци и на пријави за јавни личности поради наводно ширење говор на омраза на социјалните мрежи.

Матеја Петровски