Научна фантастика за надлежните: Никој не кажува кога ќе профункционира мостот кон „Ист Гејт“ и зошто експлодираа каблите?!

Мостот „Беласица“ до „Ист Гејт“ останува затворен за сообраќај барем во догледно време – до кога не се знае. Ниту Град Скопје, ниту Центарот за управување со кризи не знаат кои се причините за пожарот кој пред неколку дена беснееше на мостот. Како што кажаа од ЦУК, бетонските огради ќе се отстранат откако тој ќе се санира. Стојанче Ангелов до сега неколку пати апелираше во врска со оваа сообраќајница, но други детали околу причините и штетите на мостот не сподели. За повеќе информации не упати во Град Скопје, од каде одговор, како по обичај, нема.

- „Пешаците не треба да поминуваат постои ограда која го спречува минувањето преку мостот, за жал повеќе граѓани поминуваат. Апелирам да не го користат бидејќи таква е одлуката на Град Скопје, која е основана од стручни лица. За сите други информации обратете се кај Град Скопје, ние не навлегуваме во детали, нас не интересира безбедноста на граѓаните, која што секогаш за нас е на прво место“, изјави директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Покрај сигнализација, од двете страни на мостот има полиција, која не дозволува поминување. И денеска забележавме дека пешаците се обидуваат да поминат, но попусто, иако до вчера пешаци безгрижно го поминуваа, па дури и ги прескокнуваа поставените огради.

Овие уметнички дела беа поставени во 2019-та, на булеварот Партизански одреди, во Буњаковец, на тротоарот пред „Трготекстил“ и на неколку други локации во центарот на главниот град. Тие беа поставени за обележување на пешачката зона која претходно ја узурпираа возила.

За проблемот да биде уште поголем, од другата страна на мостот пак, под Железничката станица, како барикади се поставени уметнички дела. Зошто баш тие наместо железни огради праша Алфа во Град Скопје, ама и за ова нема одговор.

Порај мостот, небезбедно за минување е и околу кејот на реката Вардар, кој се наоѓа под опожарениот мост поради одрон на бетон.
Денеска метежот во Скопје беше намален, барем на овој дел, но веќе од утре, хаосот, што и кога мостот беше прооден беше ужасен, сега ќе биде уште поголем.

Од Град Скопје претходно кажаа дека „надлежноста за мостот е кај Центарот за управување со кризи и МВР, кои пак рекоа дека по достава на извештаите од лице место ќе известеле за натамошното постапување. Веќе неколку дена скопјани не знаат ништо ниту за причината ниту дали и кога мостот ќе профункционира.
Инаку пожарот кој го зафати мостот, неофицијално бил со температура од 1.000 С, службите го гаснеа скоро четири часа. Изгоре електричната инсталација, како и обвивката на цевководите од системот за парно греење.
Борис Грујоски