Научен симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“

Несомнено е дека Гоце Делчев е македонски револуционер, неговиот лик и дело е наше минато и наша реалност- учесниците на научниот Симпозиум по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев  повикаа на обединување и прекин на преговорите со Бугарија. Првиот човек на МАНУ во своето воведно обраќање повика на обединување за да прекине разнебитувањето на државата  кое започнало со Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија:

Сегашниот однос на дел од политичарите, па дури и на историчарите спрема македонизмот предизвика вознемиреност затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историската сензибилност. Македонија се наоѓа во противречна и конфузна положба денеска. За европската иднина за нас, треба да замислиме иднина без нас, истакна Љупчо Коцарев Претседател на МАНУ

Гоце Делчев е во колективната свест на македонците, а не на бугарите вели професор Чепреганов. Според него, преговорите со Бугарија треба веднаш да прекинат затоа што од нас се бара да се откажеме од историјата.  

Разговорите меѓу историските комисии треба веднаш да се прекинат затоа што ние сме постојано во ситуација да бидеме уценети. Нема поголемо понижување од тоа да се преговара за сопствената историја, вели Тодор Чепреганов.

Пораката дека симпозиумот е обврска на македонците  за да се пренесе ликот и делото на Гоце Делчев не беа во можност да ја слушнат политичарите  од власта, ниту шефот на македонската комисија Драги Георгиев. Наместо со присуство, Премиерот Димитар Ковачевски ги удостои учесниците со скромен писмен поздрав.

Инаку, на симпозиумот беше презентирана и поштенска марка од Македонска пошта со ликот на Делчев, а во рамки  на шесте работни сесии кои ќе продолжат и во текот на утрешниот ден во Музејот на македонска борба  и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ свои реферати ќе презентираат 46 професори од земјава.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста