НАТО останува во Авганистан и покрај најавата за повлекување на американските војници

НАТО изјави дека ќе продолжи мисијата во Авганистан, по најавата за повлекување на значителен дел од американскиот воен контингент од таа земја.

Портпаролката на Алијансата, Оана Лунгеску потсети дека на неодамнешната средба на министрите за надворешни работи на НАТО бил потврден ангажманот „да се обезбеди долгорочна безбедност и стабилност на Авганистан”.

-Ангажманот ни е важен за да се гарантира дека Авганистан никогаш повеќе нема да е засолниште на меѓународните терористи, кои ни се закануваат, додаде таа.

Според весниците „Волстрит џурнал” и „Њујорк тајмс” ќе бидат повлечени околу 7.000 од 14 илјади американски војници во Авганистан.

Лунгеску освен тоа ја пофали одлуката на министерот за одбрана на САД Џејмс Матис да поднесе оставка, поради несогласување со претседателот Трамп за повлекувањето на сите американски војници од Сирија и подготовките за престанок на военото присуство на САД во Авганистан.

Џејмс Матис одигра клучна улога „за зачувување на силна Алијанса, која е подготвена да се бори со предизвиците за безбедност, со кои се соочуваме. Тој е високо почитуван како воено лице и како дипломат”, изјави портпаролката на НАТО.