НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наставници за Алфа: Несериозно е државата да не набави учебници на време, немаат сите пари да учат од дигитални уреди

Нема година, а да нема еден куп проблеми со старотот на новата учебна година. Покрај тоа што постојано доцнат учебниците, тие се полни и со грешки, па затоа државата мора да покаже поголема сериозност кога е во прашање образованието, велат од професорката фела. Според наставничката по македонски јазик Милка Тримчевска, не може да се прават реформи преку ноќ. Се удира по темелите на образовниот систем, кој од година в година е се послаб.

  • Секоја година имаме еден ист проблем, а тоа немањето доволно учебници, тие доцнат, па ние како наставници мора да импровизираме, за децата да не ги оставиме да осетат дупка во учењето. Нашите искуства говорат сосема спротивно, што нам ни е голем пробелм, вели меѓу другото за Алфа, наставничката по македонски јазик Милка Тримчевска.

Тримчевска додава и дека потребен е многу посериозен пристап во изработката на учебниците, а пред се треба да се слуша мислењето на експертската јавност.

Тоа што се најавуваат привремени дигитални книги за децата е добро, но прашањето е колку родителите можат сето тоа да си го дозволат, прашуваат наставниците, со оглед на скапотијата, па и постојаната финансиска криза.

  • Дигитализацијата, Да, тоа е добро. Ние етапно ја спроведуваме, зашто ние сме сеуште во развој, но кај нас има семејства кои не можат да си го дозволат тоа, зашто сериозно го оптеретува домашниот буџет, во време на криза, вели меѓу другото за Алфа, наставничката по македонски јазик Милка Тримчевска.

Од Министерството за образование исто како и лани, уверуваат дека се работело за помало задоцнување и учебниците ќе се доставеле две-три недели подоцна, зашто се чекало нивно одобрување. Најголем проблем се книгите за трето и шесто одделение.

Дека новата учебна година ќе почне со стари проблеми, потврдија и од МОН и најавија дека ќе доцнат учебниците за повеќе одделенија.

И додека се чекаат нови книги, старите беа со еден куп грешки. Па така на пример во учебникот по географија авторите напишаа дека Албанија ни е источен сосед, а ги згрешија и знамиња, па и го пораснаа Монт Еверест. Актуелниот Закон не предвидува казни за авторите или за рецензентите кои дозволуваат да се одобри учебник што има грешки.

Инаку, учебниците доцнат речиси секоја година, а последно во низата доцнеа и свидетелствата, па така уверенијата беа доделени дури во септември.

Борис Грујоски