Наскоро ќе продолжи изградбата на Клиничката болница во Штип?

Наредната недела ќе се крои судбината на проектот Клиничка болница- Штип, објект на кој со градба се започна пред седум години. Министерот за здравство, најави средба со новите сопственици на грчки Интеркат, фирмата изведувач на проектот. Ваквите позитивни сигнали доаѓат откако кон крајот на минатиот месец  подизведувачот Бетон, се откажа од каматите и се согласи долгот од два милиони евра го добие на рати.

  „Во текот на нардната недела очекуваме состанок со новите сопственици на „Интеркат„. Од тој разговор очекувам позитивен исход, со тоа што они ќе преземаат продолжување со градежните работи  во штипската болница. За мене лично и за министерството, но и за системот е многу важно да се заврши тој проект, затоа што штипската болница ја гледаме како регионална болница и како потенцијален иден Клинички центар„-изјави вчера во Кочани, министрот за здравство Беким Сали.

За надлежните токму судскиот процес меѓу двете компании беше причина за стопирање на градежните активности . Компанијата Бетон како подизедувач  го тужеше грчки Интеркат затоа што не му било платено за сработеното. Вонсудската спогодба се реализирааше со медијација на штипскиот градоначалник.

  „Од она што јас го имам како информација, тие досега споделуваа во јавност дека финансиските средства не се проблем, туку дека има судски спор помеѓу изведувачите на објектот. Најважно од се е дека првиот чекор е направен. Останува да видиме колку средства ќе бидат финансирани, одвоени за доизградба и завршување на болницата„- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Дека се прават напори проектот да продолжи, на вчерашниот состанок со министерот Сали убедување добил и Јорданов, на кој му било потврдено дека неделата што доаѓа ќе биде клучна за штипската Клиничка болница.

Објектот почна да се гради во 2016година  и досега се реализарани само 40% од градежните активности, а поради бавната динамика Банката за развој на Советот на Европа го повлече кредитот во висина од околу 14 милиони евра.

Инаку штипската болница беше најавувана како најсовремен објект во кој здравствена заштита ќе им се пружи на  300.000 пациенти од истокот и југоистокот. Првата фаза требаше да биде готова до 2019-та година. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста