Насилството со огнено оружје во САД пред рекордно ниво

Насилството со огнено оружје се зголеми во САД во 2022 година, вклучително и речиси со рекорден број на инциденти и жртви. Во мај, 18-годишен вооружен напаѓач со полуавтоматска пушка уби 19 деца и двајца возрасни во основното училиште Роб во Увалде, Тексас. Тоа беше најсмртоносното пукање во американско училиште во речиси една деценија. Една недела подоцна, претседателот Џо Бајден и се обрати на нацијата.

Па добро, уште колку масакар сме спремни да прифатиме? Уште колку невини американски животи треба да бидат одземени пред да кажеме доста е?“, рече претседателот Бајден.

Неколку дена претходно, 19-годишник отвори оган со полуавтоматска пушка во супермаркет во Бафало, Њујорк, при што уби 10 луѓе. Осомничениот рече дека цели на Афроамериканците.

На 4-ти јули во Хајленд Парк, Илиноис, вооружен маж испука 83 куршуми за помалку од една минута од кровот на една зграда, убивајќи седум луѓе и рани десетици други на парадата на Денот на независноста.

Во ноември, друго лице уби пет лица и рани 17 во ноќен клуб за хомосексуалци во Колорадо. 22-годишниот осомничен е и обвинет за убиство и злосторства мотивирани од пристрасност.

Криминологот-професор Џек МекДевит е вознемирен поради овој податок.

„Почнуваме повеќе да гледаме дека оружјето се користи во злосторства од омраза. Тоа не беше случај долго време. Почнуваме често да гледаме дека луѓето користат огнено оружје против они за кои тие сметаат дека се различни“, вели МекДевит.

Масовните престрелки се општо дефинирани како инцидент во кој четири или повеќе лица се застрелани или убиени, не вклучувајќи го и сторителот. Тие се случуваат практично во секоја сојузна држава на САД, вкупно повеќе од 600 на национално ниво во 2022 година. Некои гледаат поврзаност помеѓу порастот на реториката со омраза и насилството предизвикано од пристрасност.

„Политичката реторика што ја видовме во изминатите неколку години секако придонесе за тоа, и сето тоа заедно е со зголемувањето што го видовме во порастот на групите на омраза“. Вели криминологот Карлос Куевас.

Иако масовните престрелки се најдоа на националните наслови, тие претставуваат мал процент од повеќе од 40.000 американски смртни случаи од огнено оружје регистрирани во 2022 година. Половина од самоубиство.

Во јуни, Конгресот го одобри првото национално законодавство за оружје во последните децении. Законот се обидува да го отргне огненото оружје на оние за кои се смета дека се закана за јавната безбедност и ги зајакнува проверките при купување оружје.

Додека застапниците за контрола на оружјето сакаат да одат подалеку и да го забранат полуавтоматското оружје, Врховниот суд на САД во јуни го поништи законот на државата Њујорк со кој се ограничува носењето скриени пиштоли на јавно место. Бранителите на правото на оружје беа среќни поради тоа.

„Она што го забележав е местата кои имаат поедноставни, легални закони за оружје се побезбедни. Според неодамнешните престрелки што ги имавме, мислам дека ако некое место е незаштитено со огнено оружје, тогаш тоа е кревка цел“, вели инструкторот по оружје Стивен Лоло.

И додека се уште се дебатира, САД остануваат и понатаму со највисока стапка на смртни случаи од оружје меѓу напредните развиени земји во светот.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

Advertisements