Народна банка со проекции за намален раст и зголемена инфлација

Помал економски раст и повисока инфлација. Народната банка ги ревидираше проекциите надолу. НБМ излезе со две сценарија: според првото годинава растот ќе изнесува два, според второто 2,3%, зависно од тоа како ќе закрепнува економијата. Враќање на нивоата од пред пандемијата не се очекуваат пред 2024-та година. Засега, Народната банка не предвидува земјава да влезе во краткорочна рецесија. Инфлкацијата ќе расте побрзо од претходните очекувања. Годинава, според НБМ треба да достигне 14,3%, а догодина 8 до 9%. На критиките дека мерките на централната банка се благи, гувернерката Ангеловска Бежоска реагира дека чекорите кои ги преземале биле навремени, веднаш кога цените почнале подрастично да растат. Деловните банки во следниов период би требало пак да ги поскапат депозитите и кредитите. Не кажа отворено дали ќе има нови мерки, но индиректно посочи дека глобално централните банки се подготвуваат дополнително да ја затегнат монетарната политика.

За чекорите кои Владата ги презема во борба против инфлацијата, Ангеловска Бежоска вели дека има се помалку фискален простор. Едноставно јавниот долг забрзано се зголемува, па мерките требало да бидат таргетирани само за најранливите категории граѓани. За најавите за зголемување на минималната плата до 20 илјади денари догодина вели дека таа треба да расте согласно продуктивноста на работниците, но и дека треба да се направат подетални анализи дали со овој потег може да се подгрее инфлацијата.

Актуалните податоци покажуваат солидно ниво на девизни резерви од 3,7 милијарди евра, што е повисоко од пред пандемијата. Очекувањата се кредитите да растат со стапка од 9,2%, а депозитите со 3,9% годинава. Просечните стапки на економски раст од 4% и на инфлација од 2% можат да се достигнат при други непредвидени околности дури по три години.

Тања Попова

Advertisements