Народната банка ја зголеми основната камата од 1,5% на 1,75%
Ќе поскапат кредитите за граѓаните и фирмите. Народната Банка повторно ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 пп. од 1 и пол на 1,75%. За неполн еден месец, ова е втора корекција нагоре. Со оваа мерка, централната банка се обидува да ја заузда галопирачката инфлација која во април достигна 10 и пол проценти. Од НБМ информираат дека понудата на благајнички записи останала иста, односно 10 милијарди денари. Од банката признаваат дека ваква реакција била неопходна и покрај опасноста дополнително да забави растот на економијата.
„Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“ – велат од НБМ.
При првото поместување на основната камата, некои аналитичари беа оптимисти дека промената е минимална и дека банките нема да ги поскапат кредитите, но сега велат тоа е неминовно. Според нив, неопходни се дополнителни интервенции во борбата со инфлацијата. Препорачаа монетарната и фискалната политика да бидат координирани како би се ублажил ценовниот шок за граѓаните и бизнисите.
При поскапување на кредитите, први на удар се оние со променливи каматни стапки. Банкарската асоцијација и Организацијата на потрошувачи претходно ги упатија граѓаните да си ги проверат кредитите дали им се со фиксна или варијабилна стапка. Потсетуваат дека одлуките околу поместувањето на каматните стапки нагоре ќе бидат различни од банка до банка и предупредуваат дека ќе се зголемат каматните стапки не само на кредитите и депозитите, туку и на кредитните картички и дозволениот минус.
Девизните резерви засега се во сигурната зона. Од Народната банка велат дека по првичната голема потреба на бизнисите за девизи поради повисокиот увоз на поскапи енергенси, во текот на април и мај овие притисоци биле значително помали.
Тања Попова