Напнато во Обединетото Кралство: На повидок одложување на Брегзит за 30-ти јуни

Британскиот парламент одби да има Брегзит без никаков договор, дополнително слабеејќи ја позицијата на премиерката Тереза Меј и подготвувајќи го теренот за одложување на Брегзит барем до крајот на јуни.

Пратениците со 321 гласови „за“ и 278 „против“ усвоија одредба која исклучува излез на Британија од ЕУ без договор во било кој случај.

Со ова се ослабеа позициите на владата, која сметаше дека заканата кон Брисел за излез на Британија без договор ќе е клучна за Брисел да направи дополнителни отстапки кон договорот кој британските пратеници претходно го отфрлија.

Иако одредбата нема ефективна правна сила и не може да спречи Брегзит без договор, носи силна политичка порака особено бидејќи нејзиното гласање успеа благодарение на „бунт“ на членови од Конзервативната партија на Меј и нејзиниот кабинет.

Европката комисија нагласи дека одложување на Брегзит е можно само со силна оправданост на таквото барање, но позитивни коментари од германска и ирска адреса на оваа тема сугерираат дека ЕУ конечно смета дека е возможен договор и сака да помогне.

Владата вели дека сега постојат две опции – да се постигне договор и да се обезбеди кратко одложување на Брегзитот, или да нема договор и да се бара многу подолог одложување. Меј е за пократкиот период пред конечен Брегзит, што значи дека владата ќе предложи нов договор до средината на наредната недела.

Доколку успее „третата среќа“ на Меј до 20-ти март, еден ден пред почетокот на самитот на ЕУ, Британија ќе побара преговарачкиот краен рок за Брегзит да биде одложен од 29-ти март до 30-ти јуни, точно пред да се состане новиот Евро-парламент.

Доколку ова не се случи, Британија може да биде приморана да ги одржи и изборите за евро-парламентот во мај 2019. Сепак, одлуката за одложување на Брегзит мора да биде поддржана од сите 27 земји членки.