Наодот од обдукцијата пристигна, но за причините за смртта на новороденчето во Битола ќе се чека да завршат одморите

Во Институтот за Судска медицина конечно стигнати се наодите од обдукцијата за починатото новореденче, кое пред безмалку четири месеци почина во битолската Клиничка болница, само по два часа од породувањето. Меѓутоа, резултатите од вештачењето, најрано можат да се очекуваат дури во септември, зашто во тек биле годишните одмори. „Предметот е стигнат кај нас. Бидејќи во тек се годишните одмори. Би требало до септември да го завршиме вештачењето“, не’ информираа за Алфа од Институтот за судска медицина во Скопје.

   Инаку, како што е познато, агонијата на младата мајка околу откривањето на причините за ненадејното и мистериозно починување на нејзиното првороденче, во услови на нормална и здрава бременост, трае веќе четири месеци. Таа вели дека и сега нема информации за тоа до каде е целата постапка, што уште повеќе ги подгревало нејзините сомнежи дека некој се обидувал да ја скрие и вистината, а и виновниците. Иако и самата е правник, таа ангажирала и адвокат, со цел, како што ни рече, откривање на вистината и на виновниците за нејзината трагедија. „Цревата не се толку испреплетени како вие. И после некој ќе каже, има правда. Правник сум и…системот е тотално разочарување! И да, пак ќе повторам. Јас не се откажувам од борбата за правда на моето бебе! ДО КРАЈ. И не одам никаде – тука сум!!!“, напиша младата мајка Викторија Крстеска на својот фб-профил.

  Од друга страна пак, и на резултатите од обдукцијата се чекаше цели три месеци. Тие во битолското ОЈО стигнаа дури на почетокот од месецов, кога оттаму, тогаш преку соопштение се огласија дека „надлежен Јавен обвинител го разгледа наодот, по што, ќе издаде наредба до Институтот за судска медицина во Скопје за вешт наод со кој ќе се утврди евентуална причинско-последична поврзаност помеѓу причината за смртта и породувањето“.

  Меѓутоа, сите овие доцнења, се’ повеќе ги зголемуваат и сомнежите кај младата мајка дека наодите ќе биле наместени за да нема лекарска грешка. „Што можам да очекувам? Кога успеаа да ја наместат целата работа и за тоа ангелче Јана, мислите мене ќе ме поштедат?! Не..!!! Јасно ми е се’. Ние сме уништени“, ни рече таа уште при пристигнувањето на наодите од обдукцијата до битолското ОЈО. 

   Новороденчето во битолската Болница почина на 9 април, само по два часа од породувањето. Веднаш по трагичниот настан ДСЗИ спроведе вонреден инспекциски надзор во Болницата и прекршочно казни еден лекар заради тоа што „во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо, а нема евидентирано ни анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар М.В. кој го извршил приемот“, стоеше во образложението од ДСЗИ.

Каролина Дурло

Advertisements

Поврзани вести