Наместо откази, нови вработувања на роднини на функционери

Нов бран на вработувања на блиски роднини на пратеници и функционери во државни институции. Наместо повлекување од позициите, нови две вработувања во ЕЛЕМ. Синот на заменик генералниот секретар на Владата, Тахир Хани, Назми Хани се вработил во Електрани како референт во Подружница Треска. Место во ЕЛЕМ е обезбедено и за роднина на министерот за економија Крешник Бектеши, чија сестра претходно беше вработена во МЕПСО. Но министерот не чувствувал одговорност, ниту пак потреба да објаснува за секое вработување.

Ниту министерот за земјоделство Николовски не гледа потреба да и објаснува на јавноста за бројните вработувања, оти немал влијание.

Од друга страна пак првиот човек на ЕЛЕМ, Драган Миновски, од октомври лани си ја вработил сопругата како шефица на кабинет на директорката на Централен Регистер.

Опозицијата и денеска откри нови случаи непотизам во Кочани. Пратеникот на СДСМ Сашко Костов си ја вработил сопругата во детска градинка.

Под притисок на јавноста вчера паднаа и првите оставки. Мајката на пратеникот Костадин Костадинов се повлече од функцијата во Централен Регистар во Струмица и синот на пратеникот Горан Мисовски даде оставка од позицијата стручен соработник во Агенцијата за супервизија на осигурување. И Кирацовски најави дека таткото на неговата сопруга ќе се повлече од новото работно место, ама не одговори за вработувањето на сестра му.

Но оставките на блиски роднини на функционери нема да ги затворат отворените истраги за нивното вработување вели за Алфа првата антикорупционерка. Ивановска децидна дека во земјава постои систем на непотизам кој мора да се искорени…

Антикорупциска веќе отвори 18 случаи за непотизам. На списокот се блиски роднини на функционери кои ќе бидат ставени под лупа и ќе се проверува дали постоел судир на интереси при нивното вработување. Како најатрактивни позиции за вработување на роднините на функционерите и понатаму остануваат ЕЛЕМ и МЕПСО.

Ивана Соколовиќ Најдова