Наместо одговор на прашања, Забрчанец со сопствена перцепција за „лажната вест“ од Мечкин камен

Како Владата ќе докаже дека видеото на кое се гледа дека присутни меѓу луѓето на Мечкин камен за Илинден, извикуваат „Северна , Северна…“ е лажна вест како што тврди советникот на премиерот Марјан Забрчанец, оти не е само од еден медиум, односно снимено од повеќе?
Има ли Владата докази за обвинувања за медиуми дека шират лажни вести? Ако нема ќе следи јавно извинување или? Овие прашања Алфа му ги постави на Забрчанец. Но одговор на истите не добивме, туку коментар од советникот што не соодветствува на новинарските прашања од јавен интерес, туку е негова лична перцепција после најавите на порталот што прв го објави видеото дека ќе го тужи, бидејќи го нарече „срамна и лажна продукција“ снимениот материјал :
-Интересно е што некој се препознава во Фејсбук статус во кој не се споменува име на ниеден медиум. Нека тужат, така побрзо ќе дознаеме дали се медиум тие што ќе тужат, кој им е сопственик, кој правен субјект стои позади, дали имаат редакција, како се финансираат и други работи важни за транспарентноста во нашата држава, одговори Забрчанец во СМС порака за Алфа.
А видеото не е единствено сведоштво. И другиот дел од новинарските екипи потврдуваат дека го слушнале скандирањето меѓу кои и екипата на „Алфа“, но не успеале да го снимат оти траело кус период а во моментот снимателите ги местеле камерите. Сепак Забрчанец нема одговор како ќе ги побие медиумските докази. И не само медиумските. Туку и на член или симпатизер на СДСМ, кој по обвинувањето на Забрчанец на неговиот Фејсбук профил, коментира дека видеото не е лажна вест, оти тој бил меѓу извикувачите.
-Не е лажна вест, и јас бев меѓу тие кои скандираа Северна, Северна и тоа беше заради тоа што група од 20 луѓе од Дијаспората скандираа „Никогаш северна…“, коментира Владимир Христовски на статусот на Забрчанец напишан на 2-ри август.
Овој коментар за кусо време го снема од профилот на Забрчанец. Во продолжение на коментарите оставени се оние во кои се вели дека тие што извикувале „Никогаш северна, само Македонија“ биле испратени од опозицијата, оти носеле симболи на ВМРО. Што, пак, претставува своевидно признание дека статусот на Забрчанец е всушност неточен.
-Ова е враќање во `49-тата година, односно во еден друг политички систем што е дел од минатиот век. ВМРО ДПМНЕ ќе ги искористи сите демократски алатки кои што му стојат на располагање да се спротивстави на овој сталинистички обид на владата на Зоран Заев и обидот да се замолчат критичките новинари и медиуми, на сметка на оние апологети кои се скапо платени со пари од државниот буџет, а со кои – сега гледаме, како сива еминенција располага и управува Зоран Заев, рече денеска претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Фактите се на очиглед. А после изјавата на Забрчанец за Алфа, останува да лебди прашањето, како Владата ќе се бори со лажните вести кога се сервираат од нејзините кабинети? Има ли механизам за објективна борба против „фејк њуз“ што ја најави премиерот, или ќе се сведува на популизам и неаргументирани напади? Транспарентноста во државата за која зборува Забрчанец, произлегува од подготвеноста на институциите да одговорат и сервираат вистина.
Искра Коровешовска