Наместо на пазар јаболката завршија во Преспанското езеро

Наместо на трпеза или во откупните центри, ресенските јаболка завршија во Преспанското езеро. Жители на Ресен на социјалните мрежи објавија видео на кое се гледа како јаболката пловат во водата, а брановите дел исфрлиле и на езерското крајбрежје во Претор.

Од Здружението „Благој Котларовски“ велат дека производителите на јаболка овошките ги фрлиле во околните реки кои се слеваат во езерото за да се ослободат од минатогодишниот род кој скапува во нивните магацини.

Пампулевски вели дека кај овоштарите се уште има околу 35 илјади тони непродадено јаболко. Откупната цена на индустриските капацитети и многу ниска, а мала е и сумата која се плаќа за откуп на трпезни јаболка.

Пред два месеци, околу 2000 овоштари од Преспа со трактори и жив штит два часа го блокираа магистралниот пат Битола – Ресен. Тогаш од надлежните бараа продолжување на мерката за субвенциониран откуп. Од здружението велат дека дел од барањата биле прифатени.

Инаку, проблемот со јаболката во Преспа настана минатата година, кога поради климатските промени, овошките имаа абнормален род. Од Здружението „Благој Котларовски“ минатиот месец дел од вишокот донираа по старски домови, болници и други социјални установи.

Биљана Божиновска