Наместо во Луна Парк, скопјани се забавуваат во приватен адреналниски рингишпил

Техничка инспекција од Државниот инспекторат била надлежна за контролата на работењето на адреналинскиот забавен парк поставен кај спортскиот центар Борис Трајковски. Сепак и десетина дена по поставувањето, јавноста нема детали околу постапката за поставување но и контрола на реквизитите.

Алфа стапи во контакт со директорот на техничката инспекција Екрем Буњаки, но тој само ни кажа дека денеска не бил во можност да дава какви било информации бидејќи патувал.

Од Општина Карпош, на чија територија е поставен, за Алфа велат станува збор за парк на приватна парцела за кој немаат надлежност.

– Организатор на паркот е „ЛУНА 10 Битола“, реквизитите се лиценцирани, со што се гарантира нивната безбедност, а и закупецот поседува лиценца за вршење на дејноста. Со меѓусебен договор меѓу двете страни утврдено е дека сите ризици кои произлегуваат од користењето на просторот преминуваат кај закупецот. Неговата одговорност се однесува на посетителите на забавниот парк, вработените, како и врз опремата и инсталациите во просторот. Закупецот е должен да ги преземе сите потребни мерки, како и да ја покрие штетата спрема трети лица поради иден, неизвесен (несреќен случај), велат од Општина Карпош.

Во меѓу време, долго очекуваниот Луна парк нема наскоро да биде пуштен во употреба, бидејќи проектот за негова градба, што го започна претходниот градоначалник на Скопје – во моментот е прекината, потврдија за Алфа од Град Скопје.

– Во моментов се работи новиот проект, во кој треба да се земат предвид и да се инкорпорираат и идеите од стариот, поточно веќе направените инвестиции во инфраструктурата, велат од Град Скопје.

Луна Паркот веќе неколку години не функционира. Градот под раководство на Коце Трајановски прво бараше приватен инвеститор, а откако не најде – реши самостојно да го обнови. По доаѓањето на Петре Шилегов активностите беа запрени и процедурата вратена на почеток.

Според проектот во паркот требаше да се постават вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински, како и разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забави. Во буџетот за 2019 за изградба на паркот, Градот предвиде 1,3 милиони евра.

Борис Грујоски