Наместо ветените 20, власта на чекор до ново „Рамковното министерство“


Новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците го помина првиот собраниски филтер. Владејачкото мнозинство си ги изгласа промените на постоечкиот закон за влада со кој досегашниот секретаријат за спроведување на рамковниот договор со кој раководи Хазби Лика  се реорганизира во министерство. Единствено пратениците од ДУИ ја правдаа потребата за новата институција, која како што велат произлегувала од  Охридската рамка и добива дополнителни надлежности.

Но новото министерство ги скара Ахмети и вицепремиерот за рамковен. Хазби Лика реагира дека никој не го известил за ваквата идеја доведувајќи ја во прашање и неговата позиција. Интегративците пак се правдаат, идејата за министерството била дел и од Тиранската платформа, која речиси во целост е реализирана.

– Јас како претставник на ДУИ, во Владата, на задача Вицепремиер за спроведување на Рамковниот Договор и политички систем, не сум информиран, ниту консултиран за иницијативата, ниту за составувањето на овој закон, алудирајќи на надлежностите кои ги носи новата институција која ќе се основа, и поврзаноста која ќе ја има со Рамковниот Договор, вели Лика.

И додека ДУИ во сопствените редови „војува“ околу новото министерство, помалите етнички заедници бараат раководни функции во истото.

Измените на Законот за влада сега се во матичните комисии. Инаку во Секретаријатот кој со измените се укинува вработени се 1700 административци, меѓу нив и такви кои никогаш не дошле на работа. Актуелната Влада е рекордер во бројот на министерства или вкупно 25 од кои дури 7 без ресор, 15 со ресор, 4-ца вицепремиери од кои и двајца министри и премиерот – наспроти ветувањата во опозиција дека бројката нема да надмине повеќе од 20.

Ивана Соколовиќ Најдова