НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наместо акушерки, медицински сестри работат во салите за породување

­Медицински сестри наместо акушерки породуваат на Клиниката за гинекологија во Скопје. Лекарската фела предупредува дека меѓу кадрите од здравствени струки кои недостигаат се и акушерките кои подобар живот и работа си бараат во Германија, Хрватска, Словенија, Австралија, Нов Зеланд.  Колку е алармантна состојбата покажуваат бројките. Во 2004 година во Македонија имало 1.180 акушерки, а во 2022 бројот бил 237. Статистичките податоци не се комплетно точни бидејќи има акушерки кои работат на други работни места или воопшто не работат како акушерки, но во родилните сали во моментов работат 237 акушерки.

Тоа што го нудат овие земји покрај финансиската сатисфакција е и достоинството со кое ја работите професијата, ваше препознавање и признавање како професионалец, кој е соодветно едуциран да ја доведе до крај некомплицираната бременост. Акушерките во ЕУ уживаат почит пред сѐ од гинеколозите кои растеретени од грижата за нормалните бремености, имаат доволно време своето знаење, едукација и вештини да ги посветат на комплицираните бремености и научно истражувачка дејност вели за МИА, Тања Трајковска, претседателка на одборот на акушерки во Комората на здравствени работници.

Уште една причина зошто има недостиг на акушерки е образовниот систем. Проблемот настанал во 1995 година, кога властите следејќи ги директивите на ЕУ, ја укинале струката за акушерки на ниво на средно училиште и вовеле неколку типови образовни системи во средните училишта.  Иако требало да останат доследни на секторските директиви за едукација на акушерки на ниво на факултет, тие вовеле неколку типови на образовни системи во средните стручни училишта, притоа експериментирајќи со образованието.

Недостигот на акушерки се продлабочува бидејќи во минатото едукацијата на акушерките беше на секои три до четири години, така да оваа година имаше поголем одлив, во смисол на пензионирање. Недостигот се создава со години систематично и тоа пред сѐ се должи на медикализација на породувањето, сѐ поголемиот број на царски резови, приватизација на примарната здравствена заштита и несоодветниот образовен систем – додава Трајковска.

Лошите политики според упатените придонесоа, работодавачите да ја изгубат довербата во во компетентноста на акушерките и нивните вештини самостојно да го водат спонтаното нормално породување, па сега секое породување мора да биде под надзор на гинеколог. До 2000 година акушерките сами правеа тријажа на прием и носеа одлука за начинот на породување -гинеколог се повикуваше само при компликации.

Адријана Алексиеска