Намален водостојот на реките и на Охридското Езеро

Водостојот на Треска кај Македонски Брод е за десет пати понизок од просечниот за јануари, на Пчиња кај Катлановска бања речиси за три пати, а на Крива Река кај Крива Паланка за повеќе од двојно, покажуваат последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Пониски од повеќегодишниот просек за овој месец се и водостоите на сите останати реки во Македонија. Помал за 30 сантиметри од јануарскиот просек е водостојот на Брегалница кај Штип, за 39 сантиметри на Црна река кај Новаци, за 42 сантиметри на Црн Дрим кај Ложани и за 48 сантиметри на Сатеска кај Ботун.

За разлика од реките, кај природните езера водостојот е повисок од просечниот со исклучок на Охридското Езеро, каде нивото е за 11 сантиметри пониско од вообичаеното. Според УХМР, речиси за три метри е повисок водостојот на Дојранското Езеро од месечниот просек за јануари.