Намалената маржа ќе ја „изедат“ скапите горива и уште поскапата струја

Намалената маржа за основните прехрамбени производи не вреди ништо, зашто основниот енергенс – горивата, постојано добиваат нова, повисока цена, реагираат граѓаните. Велат дека државата не прави ништо за сериозно да им помогне на оние, на кои помошта им е и повеќе од потребна.

Во меѓу време, дизелот поскапе за два денара, а цената на другите горива останува иста, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 109,5 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава за 111,5, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 113,5, Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 105 денари за литар, а Мазутот М-1 НС за 56,317 денари за килограм.

Оние кои се речиси цел ден зад воланот, се жалат дека ова е неиздржливо.

  • Абе какво подобрување, што е тоа маржа за 1 или 2 денари, кога нафтата замина „до плафон“. Овие ништо не прават, само спијат и го лажат народот, а ние секој ден живееме се потешко. Мислам дека треба реално да му се помогне на народот, зашто мислам дека ќе биде уште потешко, ова сега е само преживување, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Само мал дел од маркетите минимално ја намалија цената на лебот, шеќерот и јајцата за 1, 2 до најмногу 3 денари. Маслото за јадење, брашното и макароните се продаваат по стари, односни високи цени.

Белиот леб кој пред месец дена се продаваше околу 35 денари, со поскапувањето се искачи на 47 денари, а сега е намален за 2 – 3 денари, што за граѓаните не значи ништо. Селскиот леб кој чинеше 100 денари, се искачи на 119 денари, и сега се намали за 1 до 2 денари.

Со укинувањето на мерките по 31 мај, цената на основните производи експлодираше. Дека тоа е така, потврди и министерот за економија кој рече дека не било фер дел од производите да поскапат и до 80%. 

  • Отсега казните нема да бидат само парични. Има компании кои заработуваат и по 80% на одредени производи и им се исплаќа да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги обравиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Паралелно, оние маркети вештачи креираат недостаток на производи или пак „ја пумпаат“ цената, покрај казната од 5.000 евра ќе добијат и клуч на врата. Ова го предвидуваат измените во Законот за зшатита на потрошувачите, кои во вторник ќе бидат доставени до Владата и усвоени. Пазараната инспекција е на терен и ги проверува маркетите и продавниците.

Покрај изгор скапата живеачка, на врата ни тропа и ново поскапување на струјата кое на сила ќе стапи за 10-ина дена. За колку проценти ќе биде зголемена последниот збор ќе го има Регулаторната комисија.   

Капак на се е инфлацијата која стана двоцифрена и се искачи на историски највисоко ниво, која како алва им ја изеде платата на граѓаните.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста