Над 18 илјади проблеми нотира ВМРО-ДПМНЕ од граѓаните, решение за секој ќе има во програмата на партијата

Над 18 илјади проблеми на граѓаните нотира опозициската ВМРО-ДПМНЕ од теренските активности во изминатите 6 недели. Решенијата за нив велат, ќе бидат ставени во преизборната програма на партијата. Во Македонија народот не сака уставни измени под бугарски диктат, не сака газење на националното достоинство, но народот највеќе сака да дојде крај на сиромаштијата, крај на корупцијата и криминалот велат од ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата грижа на граѓаните е тешкиот живот, дополнуваат од партијата, инфлацијата, несигурноста и неизвесноста за иднината.

  • Над 200 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ организирани во 19 тимови, посетија вкупно 709 населени места во државата и тоа од најразлични краеви, почнувајќи од големите населени места па се до најмалку населените. Ова беше најопсежната теренска акција на ВМРО-ДПМНЕ во која се направени 6.428 извештаи, нотирани се 18.324 проблеми. Зборувавме со илјадници граѓани, беа забележани многу проблеми, а решенијата за сето ова ќе бидат дел од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ. Покажавме и докажавме дека секогаш сме и ќе бидеме дел од народот и дека имаме капацитет да ги промениме работите“ рече Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека темата уставни измени под бугарски диктат е затворена за опозицијата кажа и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на трибината за 33-тиот роденден на партијата. По две недели од лидерската средба од кога на маса власта ги имаше двата предлози од ВМРО-ДПМНЕ, тие не прифатија ниту еден туку беа фокусирани на дезинформации и лажни етикитирања, вели Мицкоски.

  • „И точно знаев дека не сакаат договор и дека ќе се вплеткаат во лаги, во недостиг на храброст да се соочат со народот и она што народот го бара. Јас дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат“, истакна вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци е пораката која што Мицкоски ја испрати до владејачкото мннозинство.  Реформираното ВМРО-ДПМНЕ е гарант дека со новата Влада ќе ја удри корупцијата и ќе ја крене економијата, порача потпреседателот на партијата, Александар Николовски.

  • „Низ определување на нови правци коишто сега треба да дадат одговор на три напади коишто ги доживува Македонија а чија што крајна цел е уништување на Македонија ваква каква што ја знаеме. Прво економски колапс којшто е преточен низ една сериозна корупција која што мора да ја удриме во чело. Второ, национални предавства коишто ги гледаме во моментов кон она што се случува и со односите со Бугарија но и внатрешниот политички систем и начинот на кој што се владее Македонија и третиот предизвик којшто во моментов го гледам е еродирањето на сите институции коишто значат државност. Доколку се удрат овие три столба, нема држава. И затоа ова е порака за идните генерации, да ни се приклучат, битката допрва почнува и ова е последна шанса да направиме модерна и просперитетна, независна Македонија“, рече Николоски.

Опозицијата повторува дека предвремени парламентарни избори се единствениот излез од кризата во која длабоко е навлезена Македонија, а сигурен победник според нив ќе биде ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisements

Поврзани вести