Над 1.000 деца примија МРП вакцина – надлежните апелираат сите да бидат имунизирани!

Квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во фармацевтската индустрија. Се даваат на милиони деца на светско ниво со децении наназад без докажани штетни последици. Лекарите се децидни – освен стандардните поствакцинални состојби, посериозни болести не придизвикуваат.

Министерот за здравство уште еднаш порача дека не смееме да дозволиме епидемија од вакви болести да имаме во 21 век, потенцирајќи дека моменталната состојба со овој проблем е последица на повеќегодишна антивакцинална кампања.

Дел од родителите остануваат на својот став дека никој не може да ги присили да ги вакцинираат своите деца. Синоќа протестираа пред Министерството за здравство и порачаа дека ќе поднесат тужба за дискриминација врз основа на здравствена состојба поради забраната за носење невакцинирани деца цо градинка и училиште.

Епидемија на мали сипаници е прогласена на ниво на Скопје. Токму во главниот град има најсински стапки на имунизација – во Центар, Карпош и Аеродром опфатот е меѓу 67 и 78 проценти а на ниво на Македонија е 82. Според лекарите секаде каде помалку од 90% од децата имаат примено вакцини е можна појава на епидемии.

Оваа недела МРП примиле над 1.000 деца. Вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, денеска и утре ќе работат во две смени, во периодот од 07:30 до 19 часот. В понеделник, на 7 јануари, овие пунктови ќе работат само прва смена од 07:30 до 13 часот.

Матеја Петровски