Надлежните си ја префрлаат одговорноста: Кој дал дозвола за плантажите со марихуана?

Додека жителите на Петровец потпишуваат петиција во обид да се спречи засадување на плантажи со марихуана, на само неколку метри од куќите во оваа општина, институциите си ја префрлаат топката една на друга.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека никаква апликација од компанија за овој бизнис не стигнала до неговото министерство.

-Компанијата која аплицирала во моментов немам увид, таков документ не е стигнат и не знам дека некоја компанија во Петровец, во населено место аплцирала за таква плантажа, вели министерот Венко Филипче.

Од земјоделие пак потврдуваат дека и издале решение на компанија за садење медицински канабис во Петровец, откако претходно таа добила одобрение од Министерство за здравство, иако Филипче вели дека не знае ништо за ова.

-Во Општина Петровец фирма има добиено решение за сеење/садење на медицински канабис од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство по претходно добиено одобрание за одгледување на медицински канабис издадено од Министерство за здравство, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Топката кон државните институции вчера ја префрли и градоначалникот на Петровец, тој вели дека за оваа работа нема никакви ингеренции, дека за тоа се задолжени двете министерства.

-Баш никакви ингеренции и плус таа парцела што ја имаат купено за одгледување на марихуана е надвор од градежен реон, значи општината воопшто не ни дава дозволи, вели градоначалникот Борче Митевски.

Додека институциите не можат да се договорат кој е надлежен, граѓаните бараат итно стопирање на работите во Петровец и дислокација на планираните засади на марихуана.

Матеја Петровски