Надлежните дебатираат за аерозагадувањето, невладините подготвуваат тужби

Град Скопје дебатира како да го реши проблемот со загадувањето во средина на зима, кога ПМ 10 честичките повторно секојдневно лебдат во воздухот. Краткорочни мерки засега нема, велат дека работат на решавање на проблемот, но сме морале да бидеме свесени дека тоа не се решавало за еден ден, па дури и дека сите сме виновни за загадениот воздухот што го дишеме.

Додека болниците се полнат, скопјани се гушат, градските власти дебатираат  како да го решат проблемот, иако пред да дојдат на власт, велеа дека имаат решенија.

Професорот Александар Дединец од МАНУ, до град Скопје предлага низа на долгорочни мерки кои би го подобриле амбиенталниот воздух, базирано на нивните истражувања. Тој вели дека најголем загадувач се домаќинствата, односно греењето на домовите, па за решавање на ова предлага греењето на дрва да се замени со печки на пелети, инвертери или централно греење.  Греењето на пелети го предлага и град Скопје, но субвенциите за оваа година завршија.

Како втор загадувач според Дединец е сообраќајот.. Истакна дека би било најповолно да се набават хибридни возила и поголеми оданочувања на старите возила.

Предлози за намалување на загадувањето пристигнуваат од сите страни. Беспатен автобуски превоз за сите граѓаните во текот на наредните три месеци, субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз, воведување на 24-часовен зајакнат инспекциски надзор, итна детекција на загадувачите… се дел од мерките кои вчера беа предложени до Градот Скопје и останатите аеро-загадени општини во Македонија, од страна на  четири Здруженија кои покренаа петиција „Нула толеранција за (аеро)загадување и загрозување на животот”.

Екологистите се жалат, велат тоа што требаше да биде стратегија за чиста животна средина и чист воздух беа само празни зборови, власта за најважната битка одвои само 1.6 милиони евра што е безобразно мала сума, истакнаа од иницијативата о2.

Борците за чист воздух подготвуваат и тужба на државата пред домашните и меѓународните судови поради аерозагадувањето  и последиците од него.