Надлежните без одговор зошто две години не презеле ништо за случувањата во „Жан Митрев“

Иако очекуваше јавноста денеска не доби одговори од надлежните за скандалот со клиниката „Жан Митрев“ и нејзиното работење во периодот на Ковид пандемијата кое беше скенирано во документарецот на ИРЛ. Изнесените обвинувања и информации се повеќе од алармантни, но властите само велат дека почнала истрагата и бараат дополнително време. Зошто не реагирале до сега нема одговор.

Клиниката „Жан Митрев“ е ставена под лупа на инспекцијата и Агенцијата за лекови која истражува дали се правеле експерименти со ковид-пациенти. Ова е одговорот на министерот за здравство, Беким Сали, по скандалозните информации во јавноста кои се обелоденија во документарецот посеветен на работењето на клиниката во периодот на Ковид пандемијата. Јавноста бара одговори, но и одговорност за сериозните обвинувања и информации за начинот на кој се работело во изминативе години, за што сведоштва им а од повеќе пациоенти и семејства на починати.

Клучното, зошто интстуциите знаеле, а молчеле две години – ниту министерот, ниту директорот на Агенцијата за лекови не го коментираат, иако за тоа беа прашани повеќе од 10 пати. Министерот само потврди дека е формирано стручно тело кое детално ја испитува ситуацијата и побара уште време за да се соберат повеќе информации.

  • Во последните 3 години, Државниот сантарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во Клиничката болница ‘Жан Митрев’ спровел 3 редовни и 9 вонредни инспекциски надзори. Во моментов се одвива работен состанок во МАЛМЕД со стручната служба и претставници на Клиниката во однос на изнесените наоди дека се вршени клинички испитувања врз пациенти и дали се вршени согласно важечките прописи. Во тек се активности во Лекарската комора по однос на вршењето на стручниот надозр и ги очекувам информациите. Јас чувствувам длабока одговорност и решен сум случајот да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги заштитува пациентите. Никој не е над законот , ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај“, рече Сали.

За хемофилтрацијата рече дека се користи за третман на пациенти во тешка здравствена состојба на интензивна нега и се применува по индикација и проценка на лекарот. Ако се користи во рана фаза може да биде ризична за болните. Но, дали методата е применувана кај пацинетите согласно строгите критериуми е проценка која треба да ја направи стручниот надзор.

  • Можам да потврдам дека во ниедна земја сето тоа што е применето за ковид не е базирано врз докази. За одредени случаи хемофилтрацијата е базирана врз медицина на докази. На Клиника за кардиохирургија се користи како метод, но дали се користи за ковид зашто тоа е нова инфекција? Јас тврдам дека нити една земја не може да потврди дека тоа што го правела за ковид е докажано со медицина на докази. Не бранам никого. Дали може некој да потврди која терапија за ковид била најсоодветна останува на медицината во иднина да докаже која била најуспешна, а која условно кажано промашена“, додаде министерот за здравство.

Директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани, кој зборуваше во документарецот на ИРЛ, кажа дека пратил инспекција во клиниката уште пред да се емитува истражувањето, но дека им требало време да ги проверат наодите. Но зошто се молчело и пред тоа и тој не кажа ништо.

  • Логично е малку да се даде време за да се утврди се според протоколите, прописите и законите. Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Од голема помош е емисијата на ИРЛ, ги охрабрувам сите други да им помогнат на институциите. Во меѓувреме тече состанокот меѓу претставниците на МАЛМЕД и тимот од „Жан Митрев“, се соочуваат аргументите, истакна Шабани.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ДСЗИ, Иринка Бухова, посочи дека во последните три години во „Жан Митрев“ имало 3 редовни и 9 вонредни инспекциски контроли досега.

  • ДСЗИ констатираше одредени недостаоци, динамика на пријавување заразни болести и изолати, и констатиран е пропуст во начинот на водење на лица. Забелешките беа отстранети“, кажа Бухова.

Вo однос на фактот што докторот Жан Митрев самиот во студија јавно наведува дека постојат интрахоспитални инфекции во неговата болница, Бухова одговори дека доколку ги имало, тие требало да се пријават во Центарот за јавно здравје.

Во последните три години, инспекцијата направила три редовни и 9 вонредни надзори во болница „Жан Митрев“. Но резултати од нив нема. Од ресорното министерство пак се решени овој случај да добие разрешница. 

Истражувањето се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да бидат известени дека се дел од медицинска студија. За случајот предмет отвори и Јавното обвнителство.

Борис Грујоски

Поврзани вести