Набиена агенда на понтифот во Скопје – се очекуваат 15.000 луѓе од целиот регион

Обединетост и помош за послабите- со ваква порака доаѓа папата Франциск на 7 мај во Македонија.
Останува 10 часа во Скопје. Централниот настан, што е и од најголем интерес за верниците, ќе биде во центарот на Скопје. Тука тој ќе ја одржи литургијата, а до овој момент, според најавите се очекува да присуствуваат околу 15 илјади граѓани – не само од земјава туку и од регионот. Најавени се посетители од Хрватска, Бугарија, Албанија…
Ако сакате да присуствувате на централната литургија во 11 часот и 30 минути, ќе мора однапред да си обезбедите бесплатни билети. Веќе од следната недела тие ќе бидат достапни во центрите на Католичката црква. Оние кои нема да успеат да резервираат карта ќе треба да се сместат во т.н. втора зона која од првата веројатно ќе биде одвоена со ограда. Ова е организирано за да има ред во присуството и за да може да се овозможи секој кој сака да ја слушне и гледа литургијата во живо. Инаку, во тек е и акредитирањето на странските државјани кои сакаат да бидат дел од историската посета во земјава.
Во агендата на папата е и посетата на меморијалниот центар Мајка Тереза, таму се предвидени средбите со верските лидери во државава, а одделно ќе се сретне со католичкото свештенство во црквата Пресвето Исусово срце.
Секако дека централна медиумска вест на 7 мај ќе биде посетата, за што веќе се пријавени 165 странски новинари и 65 медиуми. А во текот на целодневното присуство на понтифот ќе важат посебни мерки за безбедност од прв степен. Дали поглаварот на католичката црква ќе се вози во папа-мобилот или не, се уште нема конкретна информација.
Ова е прво доаѓање на еден папа на Македонија. Во Скопје стигнува со авион од Софија, по завршувањето на посетата на Бугарија.
Кој е всушност папата Франциск? Аргентинец по потекло, роден е во Буенос Аирес како Хорхе Марио Бергољо во 1936 година. Завршил теолошки факултет во Сан Мигел, а за кардинал бил избран во 2001-та. Работел на подобрување на угледот на црквата која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина во 70-те години.
Франциск е прв папа кој доаѓа надвор од Европа по повеќе од еден милениум и прв од Јужна Америка.
Искра Коровешовска