„Мy name is Medea“ на битолскиот Народен театар, победничка на годишниот МТФ „Војдан Чернодрински“
Претставата „My name is Medea“ на битолскиот Народен театар, победничка на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“
Народниот театар од Битола, однесе најголем број награди на годинашното 57-мо издание на најпрестижниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, a чии завеси се спуштаат вечерва. Освен неколкуте поединечни награди, битолскиот театарски ансамал ја доби и единствената награда за уметничко оствaрување во целина, за изведената претстава „Мy name is Medea”, по одлука на тричленото жири, кое годинава за прв пат беше странско.
„Навистина нејзините естетски и уметнички квалитети и режисерскиот став кој влегува во проблемите на современоста е нешто што е навистина импресивно, а што значи и ја означува мисијата на театарот денес за низ современоста да го промислува она што всушност не е само реалност, туку и театарско наследство, а тоа е текст кој реферира на античко парче“ – истакна Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, некогашен министер за култура на Црна Гора и претседател на жири-комисијата на МТФ.
Годинашното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, на површина го исфрли и проблемот со недостигот од домашни драмаски текстови во продукциите на националните театри, на што укажаа дури и членовите на жири-комисијата, а кои доаѓаат од други театри од бившите ју-простори.
„Сме биле во многубројни жирија, ја следиме продукцијата во целиот регион и отприлика можеме да процениме што е тоа што во одреден момент се издвојува како уметнички и естетски релевантно. Она што е малку проблематично е отсуството на современиот домашен драмски текст. Но, мислам дека овој Фестивал може да биде добра порака до управите на театрите да размислуваат и за тоа дека едноставно нема домашен театар без домашен автор“, – кажа Мики Радоњиќ, актуелен директор на „Стеријно позорје“ и член на жири-комисијата на МТФ .
Инаку, освен што 57-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, годинава понуди дваесетина квалитетни претстави од речиси сите национални театри во земјава и кои наидоа на одличен одѕив кај веќе префинетата прилепска публика, сепак завршува и во знакот на се уште нереализираната идеја околу изградбата на ветениот нов театар во театарски Прилеп. Според реакциите на некои од актерите кои дојдоа на Фестивалот, отсуството на новиот театар, негативно се рефлектирал и врз изборот на претставите кои се играат, пред се’ заради ограничените технички можности на сцената од постоечкиот прилепски театар. Тие заговараат дури и идеја да се направи петиција до Министерството за култура и Прилеп да го добие час поскоро – новиот современ театар кој се ветува најмалку 6 години.
Каролина Дурло