Мјузиклот „Зона Замфирова“ и свечен прием во МНТ по повод Денот на државноста на Република Србија

По повод денот на државноста на Република Србија во организација на Амбасадата на Република Србија на 2 март во 18.30 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржи свечен прием со културна програма.

На настанот се очекува присуството на високи претставници на државниот врв и личности од политичкиот и јавниот живот на двете држави, а ќе се обрати амбасадорот на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ.

Истата вечер на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде изведен мјузиклот „Зона Замфирова“ во изведба на Театарот на Теразијe од Белгра, додека пак за пошироката публика мјузиклот „Зона Замфирова“ репризно ќе биде одржан во недела (3-ти март) во 19 часот.

Мјузиклот е направен според делото на Стеван Сремац, а е во режија на Кокан Младеновиќ. Најпознатото дело на Сремац кое беше и екранизирано со филмска адаптација, е напишано според сведоштво на вистински настани кои се одиграле во Приштина при крајот на 19-тиот век. Изворот на Сремац е никој друг туку познатиот автор Бранислав Нушиќ („Сомнително лице“, „Госпоѓа Министерка“ и др.), кој во тоа време работел како конзул во Приштина. Единствениот услов на Нушиќ околу адаптација на приказната во текст бил да не се споменува каде се случил настанот, па затоа Сремац дејствието го сместил во Ниш.

Мјузиклот беше премиерно изведен во 2012 година во Театарот на Теразије во Белград и стана една од омилените претстави на Белграѓани која минатата година прослави јубилеј од 100 изведби.

Билетите се пуштени во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.