Муцунски од Брисел: Тука сме за да ги потврдиме нашите позиции оти не прифаќаме уставни измени под бугарски диктат

Примарната цел од нашата посета на Брисел е потврда на позициите на ВМРО-ДПМНЕ коишто се насочени кон заштита на националните интереси и неприфаќањето на уставни измени под овие околности и под бугарски диктат. Ова за ТВ Алфа го изјави еден од потпреседателите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој заедно со лидерот Христијан Мицкоски и со потпретседатлот Александар Николоски е во посета на Брисел.

Нашата оценка, вели Муцунски, е дека македонскиот евроинтеграциски пат треба да се гледа низ призмата на реалните европски критериуми и заштитата на националните интереси.

Партискиот врв денеска остварил средба со Симон Морду – главен советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а од средбата со Морду продолжува на работна средба со европратеникот Кристијан Сагарц – еден од известувачите за С Македонија во Европскиот парламент.

За време на средбите, како што изјави Муцунски, се зборува и за сè пораспространетата корупција во Македонија, а во таа насока и нудење на конкретни решенија и планови во делот на напредокот на системот на владеење на право, системот на борбата против корупција и сето тоа што е значајно за земјата.

„На полето на корупцијата и правосудството и по изјавите на претставниците на земјите членки кои ги имаме и дома присутни во Македонија гледаме дека има одредени грижи за тие состојби. Од наша гледна точка ние фокус ставивме и на тоа што треба да биде решение. Едно е вие да мапирате проблем, тоа може секој да го направи, но наша обврска како сериозен политички субјект е и да нудиме решенија на сите тие проблеми и предизвици“, изјави Муцунски за ТВ Алфа.

Во текот на утрешниот, втор ден од работната посета на Брисел, претседателот и двајцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ ќе остварат средби и со претседателот на Европската Народна Партија, Манфред Вебер и со потпретседателот на Европската Народна Партија којшто истовремено претседава со Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.


КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста