Мустафај: Грчкото финансирање на медиумите е поврзано со националната безбедност, потрена е итна истрага и став на Владата

Познатиот албански професор и поранешен шеф на дипломатијата, Бесник Мустафај смета дека е потребна комплексна истрага во Албанија за обвинувањата дека албански медиуми биле финансирани од тајни фондови на грчкото Министерството на надворешни работи, со цел пласирање инфромации во интерес на Грција.

– Ова е многу сериозно, бидејќи ја нарушува независноста на медиумите во Албанија и е сериозно мешање во демократскиот живот. Молкот за ова прашање  на албанскиот министер за надворешни работи е сериозно. Треба да се спроведе комплексна истрага за обвинувањата за финансирање на медиумите од тајни фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, бидејќи тоа е поврзано со националната безбедност. Потребна е темелна истрага од Обвинителството, како и став на Владата, истакна Мустафај.

Тој ги коментира и обвинувањата дека поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас бил поврзан со Сорос.

– Не верувам во тоа.Сметам дека тие се  дел од балканска параноја. Не верувам дека Сорос е против демократијата. Тој е човек на власта кој не ја сака власта, туку преку неговите пријатели. Овие обвинувања за Сорос се чини дека се прекумерни, оценува Мустафај.

Истрага околу тврдењата за финансирање на албански медиуми од грчки тајни фондови претходно побара и Партијата за правда, интеграција и единство (ПДИУ), позната како партија на Чамите, протерани Албанци од Грција. Лидерот на партијата, Шпетим Идризи,изјави дека станува збор за национално предавство и побара од претседателот Илир Мета да го свика Советот за национална безбедност, бидејќи, како што рече, земјата е во „вонредна национална состојба“.

Во меѓувреме дел од албанските медиуми наведуваат дека освен медиуми пари од тајните фондови на МНР на Грција добивале и политичари.